Оваа година, International Coaching Federation, преку ICF Thought Leadership Institute, го објави својот прв Coaching Futures Report. Извештај кој не се обидува да предвиди што точно ќе се случи, туку да насети, да отвори простор за можности — not prediction, but foresight. Не гледање во стаклена топка, туку внимателен, истражувачки поглед напред: како би можеле да изгледаат нашите општества, нашиот начин на живеење и работење, до 2036 година. И, се разбира, каде е местото на коучингот во сето тоа.
Секогаш кога размислувам за иднината на коучингот, чувствувам мешавина од возбуда и претпазливост, можеби затоа овој извештај веднаш ми го привлече вниманието. Можеби не знаеме што иднината носи, но она што знам е дека просторот за дијалог и ко-креација мораме да го негуваме, отвораме и за него постојано да сме свесни, како не би седеле сите во своите ќошиња на страв, набљудувајќи немо, туку храбро заедно истапени да го создадеме она кое што сакаме да го живееме.
Во овој блог пост сакам на кратко да го претставам извештајот; на крај ќе оставам и линк за сите кои сакате да го прочитате, а се надевам дека ќе ја прифатите оваа моја отворена покана за дијалог. Затоа што овој извештај е и огледало и светилник. Огледало, бидејќи ни ја покажува вистинската моментална состојба на професијата, со сите нејзини нерамномерности и предизвици. Светилник, бидејќи осветлува можности кои допрва треба заедно да ги обликуваме.
Зошто ова воопшто е важно
Коучингот, во своето јадро, е практика свртена кон иднината. Секој пат кога му помагаме на некого да замисли нова можност, да го промени начинот на кој размислува и делува, да направи чекор со намера, работиме во служба на нешто што допрва доаѓа. Тоа не е случајност. Тоа е самата суштина на она што го правиме.
Но за мене, коучингот никогаш не бил само алатка за индивидуален напредок. Го гледам како форма на свесност која придонесува и за пошироко, општествено, структурно и етичко унапредување, за начинот на кој заедно се организираме, одлучуваме, се грижиме еден за друг. Можеби затоа овој извештај ми зборуваше толку директно: тој гледа на коучингот токму низ таа поширока призма.
Зошто токму сега
Живееме во време кога технолошкиот развој напредува со брзина која кај многумина создава длабока вознемиреност, не само за сопствената иднина, туку и за заедничката. Прашањата се насекаде: Што ќе остане човечко? До кого ќе стигне она што навистина вреди? Кој ќе одлучува?
Токму тука професијата на коучингот има единствена позиција да биде катализатор на промена, да помогне во ко-креирање иднина во која луѓето и планетата можат да напредуваат заедно, а не еден на сметка на другиот.
Петте сили кои го обликуваат патот
Извештајот именува пет главни сили на промена:
- Колаборативни екосистеми — светот се движи кон вмрежување наместо кон изолирани сектори; коучингот сè повеќе се преплетува со здравството, образованието и лидерството.
- Економски пресврти и променет свет на работа — несигурноста во кариерите и растот на флексибилното freelance-работење бараат нов вид поддршка.
- Технолошко забрзување — вештачката интелигенција и дигиталните алатки навлегуваат сè подлабоко во начинот на кој се дава и се прима коучинг.
- Глобализација и културна интелигенција — генерациите и културите денес се преплетуваат како никогаш досега, а тоа бара од коучовите поголема чувствителност.
- Регулација и доверба во експертизата — во време кога довербата во институциите слабее, прашањето „кому да му веруваме" станува централно и за коучинг-професијата.
Она за што мора да сме свесни се контра силите кои се длабоко изразени во последните неколку години, а тоа е длабоката поларизација, рушењето на институциите, повлекувањето кон изолација наместо кон глобална соработка. Овие сили нема да исчезнат преку ноќ. Тие ќе го обликуваат патот на коучингот исто толку колку и соработката, инклузијата и иновацијата, и мислам дека е чесно тоа отворено да си го признаеме.
Четири можни иднини
Еден од најмоќните делови на извештајот е матрицата 2×2, изградена околу две прашања: колку далеку ќе стигне технологијата, и колку длабока ќе биде глобалната соработка? Од пресекот на тие две оски се раѓаат четири различни, замисливи светови за коучингот во 2036 година:
- Digital first, human optional — свет каде технологијата е насекаде, но соработката е слаба — коучингот станува луксуз, резервиран само за оние со ресурси.
- Global Coaching Commons — свет каде технологијата и соработката растат рака под рака — коучингот се вклопува во глобален, заеднички простор за благосостојба, испреплетен со здравството и заедницата.
- Digital Divides — свет каде ниту технологијата ниту соработката напредуваат — коучингот преживува само во расфрлани, локални џебови на доверба.
- Local roots, Human Touch — свет каде технологијата свесно се остава настрана, но соработката останува силна — коучингот се враќа кон заедницата, кон бавност, кон длабока човечка врска.
Ниту едно од овие сценарија не е предвидување — авторите на извештајот тоа јасно го нагласуваат. Тие се повеќе огледала во кои можеме да се препознаеме, отколку карти на иднината. Признавам, додека ги читав, не можев а да не се запрашам: кон кое од овие четири светови веќе сега, тивко, со секоја своја одлука, ја градам сопствената пракса?
Она за кое навистина ми е грижа: достапност
Ако треба да издвојам едно нешто од извештајот што најдлабоко резонира со мене, тоа е прашањето за достапноста. Коучингот денес е индустрија чија вредност во 2024 година достигна 6,25 милијарди долари, а сепак огромен дел од светот сè уште нема пристап до него. Не поради недостиг на потреба, туку поради цена, културна (не)усогласеност, технолошки бариери и системи на сертификација кои не секаде важат подеднакво.
Достапноста за мене е етичко прашање. Ако коучингот навистина сака да биде сила за заедничко добро, тој мора да стигне и до оние на кои најмногу им е потребен, не само до оние кои можат да си го дозволат. Тоа е, во суштина, прашање на кое постојано се враќам во сопствената работа.
Акција
Извештајот завршува не со прогноза, туку со пет глаголи: Соработувај. Адаптирај се. Иновирај. Локализирај. Диверзифицирај. Активни глаголи кои се потребни без разлика која иднина навистина ќе се оствари.
Иднината на коучингот не е нешто што ни се случува, таа е нешто што веќе заедно го пишуваме, со секој клиент, со секој избор, со секое парче доверба што го градиме. Со секоја акција, или уште поважно, со секоја не-акција.
Тоа е чудна форма на утеха. И чудна форма на одговорност. Но и покана да останеме будни, присутни и намерни во начинот на кој ја обликуваме иднината на професијата во која веруваме. И искрено, тоа е покана која радо ја прифаќам.

